Милан денеска официјално потврди дека капитенот и прв голман на екипата, Мајк Мањан, стави потпис на нов договор со кој се обврза на соработка до 30 јуни 2031 година.
Во клупското соопштение „росонерите“ истакнаа дека се задоволни што ја продолжуваат верноста со Мањан, нагласувајќи ја неговата лидерска улога, сигурноста и огромното значење што го има како на теренот, така и надвор од него.
Со продолжувањето на договорот ставена е точка на сите шпекулации околу неговата иднина, откако во изминатиот период францускиот чувар на мрежата се поврзуваше со интерес од неколку европски клубови, меѓу кои и Челси.
Од Милан потенцираа дека одлуката на Мањан да остане претставува јасен сигнал за континуитет и долгорочните амбиции на клубот, кој иднината планира да ја гради околу искусни лидери и млади таленти.
Мањан пристигна во Милан во 2021 година и за кратко време се етаблираше како еден од клучните столбови на тимот, ја презеде капитенската лента и стана една од највлијателните фигури во соблекувалната.
Францускиот репрезентативец досега има запишано 188 настапи во дресот на „росонерите“.