Милан без милост, дебакл на Шкендија во Милано (ВИДЕО)

by
2 минути читање

Екипата на
Шкендија со висок пораз од 6-0 се враќа од гостувањето кај Милан, кој во целост
ја оправда фаворитската улога во дуелот со нашиот претставник кој немаше идеја
како да погоди во мрежата од голот на домаќинот.

Македонскиот
вицепрвак имаше висока негатива уште по првите 45 минути игра (3-0), имаше свои
шанси нашиот претставник, вкупно три во првиот дел, посериозни, но едната
прилика на Абдурахими и двете на Ибраими не беа доволни за гол во првото
полувреме.

Милан поведе со 1-0 со голот на Андре Силва во 13. минута,
а голот за водство на домаќините дојде по една грешка во играта на Шкендија, на
мошне чувствително место од теренот.

Абдурахими не
успеа да погоди од мошне убава прилика, фудбалерот на нашиот претставник со
полуволеј биеше над голот а три минути подоцна следеше казна, Милан поведе и со
2-0 против Шкендија, а стрелец на вториот гол за домаќините беше Монтоливо кој
во 25. минута искористи отпадок во казнениот простор на нашиот претставник.

Домаќините дојдоа
и до водство од 3-0 против Шкендија, овој пат во 28. минута со вториот гол на
мечот за Андре Силва, откако Португалецот покажа моќ во дуелот со своите
противници во казнениот простор на нашиот претставник.

Избраниците на
Османи дојдоа до нова прилика, но ударот на Ибраими од изгледна прилика заврши
покрај стативата од голот на домаќините во 32. минута.

Милан го задржа
водството од 3-0 до крајот на првите 45 минути игра на мечот во Милано, а
истото можеше да биде и повисоко, со оглед на неколкуте мини-прилики до крајот
на првото полувреме.

Домаќините
продолжија со атак кон голот на нашиот претставник и во вториот дел, следеа
шанси на Кеси, Силва, Борини, Чалханоглу и Антонели до 60. минута, но истите не
беа реализирани со гол, за среќа на нашиот вицепрвак.

Радески имаше
зрела шанса во 65. минута, но неговиот удар со глава беше лесен плен за
Донарума, Милан веднаш возврати преку Борини во следната акција и погоди за
4-0.

И тука домаќините
не застанаа, за две минути стигна нов гол, овој пат од страна на Антонели кој
навести висок пораз за нашиот претставник во Милано.

Конечните 6-0 од
првиот дуел помеѓу обете екипи ги постави Монтоливо во 85. минута, со неговиот
втор гол на мечот.

Шкендија: Захов, Бејтулаи, Алими, Цицули, Ибраими,
Тотре, Хасани, Челиковиќ (Теќа 64), Радески (Шефити 82’), Тодоровски и Абдурахими (Бојку 70)
.

Мечот во Милано го
судеше австрискиот арбитар
Харалд Лехнер, реваншот е предвиден
да се одигра идниот четврток
.

 

Фото: acmilan.com

Можно е и ова да ти се допаѓа

×