Медиумите од „островото“ откриваат дека тренерот на Арсенал, Микел Артета ставил вето на трансферот на Педро Нето, кој ова лето се пресели во Челси во зделка вредна околу 60 милиони евра.
Педро Нето со години е на радарот на „топчиите“, но Арсенал одби посериозно да загриза ова лето и остави Португалецот да се пресели во градскиот ривал Челси во зделка вредна околу 60 милиони евра.
Како што пишува ЕСПН, раководството на Арсенал било подготвено да инвестира во ангажман на Педро Нето, но Микел Артета ставил вето на трансферот.
Тренерот на „топчиите“ бил загрижен поради честите повреди на офанзивниот фудбалер, па одбил да даде зелено светло за една ваква зделка.
Слични забелешки имаше и Рој Кин, кој смета дека Педро Нето ќе биде трансфер промашување.
„Па тој е цело време повреден, нема шанси да биде добар трансфер. Ќе трча насекаде и потоа ќе го нема шест месеци поради повреда на задната ложа“ – рече легендата на Манчестер јунајтед.