Фиорентина денес изненади со кратко соопштение – Рафаеле Паладино повеќе не е тренер на „виола“. Без детали и без објаснувања, клубот потврди дека двете страни се разделиле по „взаемен договор“.
Она што го прави оваа вест уште пошокантна е фактот што Паладино пред само три недели го продолжи договорот до 2027 година. Но, наместо стабилност и планови за иднината, следеше ненадејна разделба.
„Фиорентина информира дека денес е постигнат взаемен договор за раскин на договорот со тренерот Рафаеле Паладино и неговиот стручен штаб“, стои во краткото соопштение на клубот.
Паладино ја презеде Фиорентина оваа сезона и успеа да ја доведе до шесто место во Серија А, осигурувајќи пласман во Европа пред Лацио. Тимот стигна и до полуфиналето во Конференциската лига, каде беше елиминиран од Бетис.
Засега нема официјална потврда, но се шпекулира дека несогласувања околу визијата за иднината и составот на тимот можеби стојат зад ненадејниот крај на оваа соработка.