Мексико се огласи: Ако ФИФА дозволи, тие ќе му помогнат на Иран

by Стефан
1 минути читање

Додека сè уште се чека официјална одлука околу настапот на Иран или евентуалното откажување од Светското првенство, Мексико ги отвори вратите за оваа азиска селекција натпреварите да ги игра на нивна територија.

Иранците не сакаат да патуваат во САД, каде што треба да ги одиграат сите три натпревари од групната фаза, поради актуелните конфликти и политичките тензии со таа земја и Израел.

Поради тоа, од Иран побараа од ФИФА натпреварите да им бидат префрлени во Мексико, кој исто така е домаќин на Мундијалот. Сепак, ФИФА ја одби оваа можност, порачувајќи дека турнирот ќе се одржи според однапред утврдениот распоред.

Иако шансите за промена се минимални, од Мексико испратија позитивен сигнал дека се подготвени да помогнат.

Претседателката Клаудија Шеинбаум изјави дека Мексико може да излезе во пресрет на барањето на Иран.

„За Мексико тоа не претставува проблем. Станува збор за едноставно логистичко прашање на ФИФА. Тоа е изводливо, бидејќи првично планираа да играат во САД. Дали можат да го играат турнирот тука? Тоа се разгледува и навремено ќе ве информираме“, изјави Шеинбаум во Мексико Сити.

Сепак, промена на распоредот само 12 недели пред почетокот на турнирот изгледа малку веројатна.

Дополнително, се поставува прашањето што би се случило доколку Иран сепак игра во Мексико и ја помине групната фаза, со оглед на тоа што речиси сите натпревари од нокаут фазата се закажани да се играат во САД.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×