Медин Емини даде четири гола, Македонија У16 убедлива на тестот со Црна Гора

by 24 фудбал
1 минути читање

Македонската репрезентација до 16 години со убедливи 5:0 славеше против Црна Гора на вториот контролен натпревар одигран на „Билјанини извори“ во Охрид. Втора победа за нашата младинска селекција против гостите од Црна Гора, на воведниот меч славевме со 3:0.

Медин Емини постигна четири гола на денешниот натпревар. Во 22. минута на асистенција од Адеми го даде првиот погодок. Предноста ја удвоивме на пет минути до полувреме со вториот погодок на Емини.

Во второто полувреме, нашиот напаѓач славеше хет-трик по само пет минути игра, а во 61. минута Емини го постигна и четвртиот погодок откако одзеде топка и шутираше во празната мрежа на гостинскиот голман.

Во 77. минута, Стефан Ристиќ го постигна својот втор гол во двомечот со црногорците за 5:0 по продорот на Крстевски. Во првиот состав на селекторот Исејни имаше многу промени во однос на првиот меч, но Македонија повторно беше доминантна и заслужено се радуваше на вториот триумф против Црна Гора.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×