Килиан Мбапе повторно ја отвори темата за иднината на селекторската позиција во Франција и јавно му даде поддршка на Зинедин Зидан како можен наследник на Дидие Дешамп. Капитенот на „триколорите“ смета дека никој не би имал ништо против ако легендарниот Зидан седне на клупата на репрезентацијата.
„Не треба да се комплицира. Ако Зидан биде наследник, тоа е океј. Ако биде некој друг, и тоа е океј. Но Зидан е можеби единствениот во историјата на Франција кој има целосно право да стане селектор“, изјави Мбапе за „Л’Екип“.
Иако отворено го поддржа Зидан, Мбапе нагласи дека моментално е целосно фокусиран на успесите со актуелниот селектор Дешамп.
Дидие Дешамп ја презеде Франција во 2012 година и ја предводеше до светската титула во 2018, како и до сребро во Катар во 2022. Тој потврди дека ќе се повлече по Мундијалот во 2026 година.
Зинедин Зидан во својата тренерска кариера двапати го водеше Реал Мадрид и освои три Лиги на шампиони, а без работа е уште од 2021 година.