Мартина Петровска од Битола го оствари сонот на многу фудбалски фанови од Македонија, беше на најголемото дерби во светот, Бока Јуниорс – Ривер Плата, но и на уште неколку големи натпревари во Аргентина и Бразил. Во интервју за „24Фудбал“ таа раскажува како изгледа Суперкласико од трибините, како се доаѓа до билет, колкава е страста на Јужноамериканците кон фудбалот и уште многу други интересни работи од нејзиното патување во земјата на Меси и Марадона, но и онаа на Нејмар и Пеле.
Беше на „Суперкласико“ меѓу Бока и Ривер. Дали реалноста ги надмина очекувањата и митовите што ги слушаме за тоа дерби?
„Можам да кажам дека ги надмина моите очекувања, возбудливо и енергично е само кога ги гледаш видеата од дербито, но да си таму е уште подобро. Аргентинците животот го даваат за фудбалот, за нив тоа е начин на живот. На дербито гледаш од бебиња со своите татковци, па сè до стари лица и многу жени. Ривер – Бока е најважниот натпревар во Буенос Аирес и се чека цела година. На трибините не престанува да се навива ни една секунда, ја чувствуваш енергијата на луѓето и во тој момент во тебе има само среќа“.

Колку е тешко да се обезбеди билет за овој натпревар и како се прави тоа?
„Како што споменав погоре, тоа е најважниот натпревар и да се дојде до карти е многу тешко, особено ако се игра на стадионот на Бока. Има начин преку агенција, но агенцијата не ти потврдува дали ќе успее да најде карта сè до 2–3 дена пред натпреварот. Картата преку агенција за Суперкласико е од 600 до 1200 евра, зависно од тоа на кое место ќе бидеш. Исто така може да се дојде до карта преку нормални фанови, но треба да бидеш многу претпазлив затоа што многу од нив продаваат лажни карти. Цената на картите преку нормален фан е од 250 до 400 евра. Многу Аргентинци не успеале ниту еднаш да дојдат до карта, обично сите сакаат да ги продаваат картите на туристи затоа што заработуваат многу повеќе пари. Право на карти имаат само членовите на клубот кои имаат сезонски билети и тие одлучуваат дали ќе ја дадат својата карта на друг“.
Покрај Бока – Ривер, беше и на натпреварите Ривер – Росарио Централ и Бока – Индепендиенте. Каква е разликата меѓу Суперкласикото и друг натпревар на Ривер или Бока?
„Индепендиенте е исто добар клуб во Аргентина, во топ пет. И таму постојано се навива и се пее, и тука за разлика од Бока – Ривер картите се нешто поевтини, до околу 200 евра. Но секако има разлика, Бока и Ривер се смртни непријатели. Со Индепендиенте енергијата е малку посмирена. На стадионот беше поопуштено, немаше туркање пред влезот и некако се чувствував посигурно“.

Можеше да се дружиш со фанови и на Ривер и на Бока. Што е разликата меѓу овие два клуба?
„Во Аргентина има голема класна поделба, има многу Аргентинци кои не сакаат да ги прифатат своите корени од Латинска Америка и се изјаснуваат со потекло од Европа. Тоа може да се види и кај навивачите на овие два клуба. Без сомнение и двата клуба ги имаат најдобрите навивачи, но Ривер се стремат повеќе да изгледаат како Европа, додека Бока е духот на Латинска Америка. Интересно е што и двата клуба потекнуваат од иста населба, но во навивачките песни и општо кога зборуваш со фанови на Ривер ќе забележиш дека фановите на Бока ги нарекуваат „вилерос“, како црни, сиромашни и селани. Додека Бока се горди на своите корени и не сакаат да изгледаат како Европа, ја сакаат својата земја, горди се на клубот и на страста што ја имаат кон него“.

Имаше ли моменти кога изгледаше опасно до степен да кажеш „што ми требаше ова“?
„При влегување на натпреварот Бока – Ривер почувствував малку страв, кога полицијата почна да се турка со ултрасите и да прска солзавец, но групата со која одевме добро се грижеше за нас, а исто така полицијата ги оставаше жените и децата да поминуваат мирно. Откако еднаш веќе влезеш, сè беше во ред, фановите се многу културни и многу од нив ми правеа и место за подобро да гледам“.

Беше и на фудбалски натпревари во Бразил, гледаше Фламенго – Флуминенсе во Рио и Палмеирас – Флуминесе во Сао Паоло. Која е разликата меѓу аргентинските и бразилските натпревари.
„Фудбалот во Рио има многу голема сличност со оној во Аргентина, енергијата е иста, само што стадионот е многу поголем и можеш да бидеш поопуштен и да уживаш повеќе. Во Сао Пауло, Палмеирас исто така имаат многу добар стадион, но некако се чувствуваше послаба енергија кај навивачите. Повеќе се слушаа гостинските навивачи, кои беа во мал број, на Флуминенсе отколку тие на Палмеирас. Во Бразил исто така коментираат за нив дека се тим на богатите и дека немаат многу душа за навивање, сакаат само да победуваат“.
Може ли да се долови пасијата на јужноамериканските народи кон фудбалот, зошто тој е толку важен за нив?
„Фудбалот е многу повеќе од спорт кај тие народи, тој е дел од нивниот идентитет и култура. Постојано е присутен во семејните разговори, во населбите и на улиците, каде многу деца почнуваат да го играат од мали години и сонуваат да се претворат во големи идоли како Марадона или Пеле. Во Бразил фудбалот претставува радост, креативност и надеж, а во Аргентина се живее со една многу длабока страст. Клубовите ги претставуваат населбите и семејната историја што се пренесува од генерација на генерација. Нивните репрезентации се мотив за зближување меѓу луѓето и некако како колективна радост. Тие не го гледаат фудбалот само со очите, туку го чувствуваат со срцето“.

Какви се Аргентина и Бразил во поглед на безбедноста за еден турист? Знаеме дека особено Бразил го бие глас за опасна земја.
„Аргентина и Бразил имаат скоро ист степен на небезбедност, зависи од населбата во која ќе се најдеш. Како препорака, се советува да не се излегува во ноќни часови, но на туристичките места и населбите јас не почувствував никаква несигурност, ме изненадија повеќе и од некои европски градови. Особено Сао Пауло го почувствував многу безбеден и чист. Вредните работи секогаш треба да ти се пред очи и да внимаваш, но не е многу поразлично од многу други главни градови низ светот“.

Како локалците реагираа кога им кажуваше од каде си? Имаа ли слушнато за Македонија?
„Македонија е мала земја, кога ќе прашаш, многу ја асоцираат со Русија повеќе отколку со Балканот. Ним им е интересен нашиот јазик и особено тоа што од толку далеку некој ја сака нивната земја и нивните клубови. Во Аргентина знаат за Југославија поради фудбалот, кога токму Југославија ги победи. Но повеќе од тоа немаат многу информации“.
По сè што виде и доживеа, дали мислиш дека ваквите патувања го менуваат човекот – и ако да, на кој начин тебе те променија?
„Да, мислам дека секое патување менува нешто во тебе. Мене ми дава многу повеќе самодоверба, ме учи повеќе да ги ценам луѓето. Кога ќе видам некои позитивни карактеристики, се трудам да ги земам кај себе. Во овој случај, кога патувам во Латинска Америка, обрнувам многу внимание на тоа како тие живеат во моментот, се радуваат многу и покрај сиромаштијата што ја имаат“.

Многу Македонци сонуваат да го доживеат тоа што ти го доживеа, особено да одат на меч меѓу Бока и Ривер. Која е првата работа што мора да ја знаат пред да тргнат на ваква авантура?
„Прво, летот е многу долг, најлесен избор е преку Скопје – Истанбул, Истанбул – Буенос Аирес. Потоа, секако, многу пазење и почитување на туѓата култура, особено на натпреварите. Никако да не се носат бои од спротивна екипа или дресови од други европски клубови. Внимание од каде се купуваат картите, а сè друго е во ред – добра храна, сонце и весел народ“.