Медиумите од „островото“ откриваат дека Манчестер јунајтед во договорот со Марсеј вметнал клаузула со која можат да го вратат Мејсон Гринвуд, па нејасно е зошто „ѓаволите“ се решиле на еден ваков потег кога играчот нема иднина на Олд Трафорд.
По долги преговори, минатата недела Манчестер јунајтед го продаде Мејсон Гринвуд на Марсеј.
Напаѓачот стана „персона нон грата“ на Олд Трафорд откако беше уапсен по сериозните обвинувања кои ги изнесе неговата девојка, која на социјалните мрежи се пожали дека била тепана и принудувана на секс, и сподели фотографии на кои има модринки и крв по нејзиното тело.
И покрај тоа што обвинителството не најде доволно докази за да го осуди, Мејсон Гринвуд остана виновен во очите на јавноста, па навивачите, спонзорите и добар дел од вработените го кренаа гласот и порачаа дека тој не е пожелен во клубот.
По едногодишна позајмица во Хетафе, офанзивниот фудбалер ова лето доби неколку примамливи понуди, и на крајот се реши за преселба во Марсеј.
Марсеј на Манчестер јунајтед ќе му плати околу 27 милиони фунти сосе бонуси, како и 50% од профитот од следниот трансфер.
Но како што пренесуваат медиумите од Англија, „ѓаволите“ вметнале и една контроверзна клаузула.
Манчестер јунајтед инсистирал на опција да го купат Мејсон Гринвуд за одредена сума на пари, па нејасно е зошто сакаат да вратат играч кој нема иднина на Олд Трафорд, или пак само купуваат време за да спласне негодувањето на јавноста и да му дадат нова шанса на перспективниот Англичанец во годините кои следат.