Поранешниот помошник тренер во Манчестер јунајтед, Рене Муленстен смета дека „ѓаволите“ ова лето треба да го купат Оли Воткинс од Астон Вила наместо Бенџамин Шешко од РБ Лајпциг.
„Ѓаволите“ се пред ангажман на Бенџамин Шешко откако напаѓачот од Словенија пресече и одлучи дека сака трансфер на Олд Трафорд.
Сепак, поранешниот помошник тренер Рене Муленстен смета дека ова е погрешен потег и верува дека Манчестер јунајтед треба да го ангажира Оли Воткинс од Астон Вила.
„Обидот на Манчестер јунајтед да го ангажира Бенџамин Шешко во суштина е истото она што го направија со Расмус Хојлунд“ – вели Рене Муленстен, кој беше дел од штабот на легендарниот Сер Алекс Фергусон.
„Доколку постигне гол на првите три-четири натпревари и веднаш се снајде, тогаш ќе биде одговор на проблемите во нападот. Но големи се шансите ова да не се случи. Ако погледнете убаво, истото се случи со Хојлунд, играше добро во Аталанта, но не се снајде на Олд Трафорд“.
„Истото може да му се случи и на Шешко – Бундеслигата е многу поразлична од Премиерлигата, па ќе му треба време да се адаптира. Дали Шешко има потенција? Апсолутно, 100%. Но тој се уште е млад, треба да се развива, не е завршен продукт“.
Тој потоа додаде: „Ако ме прашувате мене, јас би купил некој како Оли Воткинс. Тој работи напорно, има слични карактеристики со Шешко, а што е најважно, има и искуство во Премиерлигата, што е бесценето“.
„Зошто не го купат Воткинс, да му дозволат на тренерот повнимателно да работи со Хојлунд и да му овозможат простор и време да се развие?“
„Во спротивно Хојлунд ќе биде големо трансфер промашување. Платија над 70 милиони фунти за него, а сега постои опасност да го продадат за двојно помалку“.