Манчестер Јунајтед го продолжи својот пад во Премиер лигата, откако вечерва загуби со 2:0 на гостувањето кај Вест Хем во рамки на 36. коло. Лондонскиот тим до победата стигна со головите на Томаш Соучек во 26. и Џарод Боуен во 57. минута, со што ги престигна и Јунајтед и Тотенхем на табелата и сега се наоѓа на 15. позиција.
Поразот повторно ги отвори старите рани, а по мечот следуваше искрен и самокритичен настап од тренерот Рубен Аморим, кој не го криеше разочарувањето.
„Срам ми е кога ќе ја погледнам табелата на Премиер лигата. Без разлика дали ќе ја освоиме Лига Европа или не – проблемите се многу подлабоки. Мора да се разговара за многу работи пред следната сезона. Не зборувам за играчите, зборувам за себе и за културата во клубот. Тоа мора да се промени. Ова е клучен момент за клубот – мора да покажеме сила и храброст летово. Ако чувството остане вакво, ќе мора да се направи простор за нови луѓе.“, изјави Аморим.
Манчестер Јунајтед сега е вон позициите кои водат во Европа преку лигата, а навивачите со право бараат одговори и големи потези по крајот на сезоната.
Фото: Manchester United/Twitter