Шпанецот е обврзан кон клубот од „Олд Трафорд“ до 30. јуни 2019, и веќе во јануари може слободно да се договори со друг клуб. Но Манчестер јунајтед нема да дозволи вакво сценарио и во декември ќе ја активира клаузулата да ја продолжи соработката за 12 месеци.
„Ѓаволите“ исто така не губат надеж дека можат да ја осигураат долгорочната иднина на Давид Де Хеа и покрај тоа што преговорите тапкаат во место.
Според пишувањата на медиумите, голманот не брза и сака да се избори за што е можно поголемо покачување на сегашната плта од 200.000 фунти неделно.
Неговите агенти неодамна одбиле понуда од 275.000 фунти неделно, и сакаат Де Хеа да биде ставен на исто рамниште со Алексис Санчез. Чилеанецот има основни примања од околу 350.000 фунти неделно, но со бонуси и други премии, тие се искачуваат до 500.000 фунти неделно.
„Тој е играч од светска класа, најдобриот голман во светот и доколку нашата амбиција е да бидеме голем клуб, да освојуваме трофеи секоја година, потребен ни е ваков играч“ – изјави Жозе Мурињо оваа недела.
„Знам дека Де Хеа сака да остане, знам и дека неговиот агент со задоволство ќе стори се што играчот ќе побара, а знам и дека бордот на Манчестер јунајтед сакаат тој да остане и работат на случајот, па се надевам дека наскоро ќе си подадат рака“.