Во првите два меча од квалификациите, Македонија забележа две победи и на коло пред крајот обезбеди пласман во втората фаза од квалификациите за Светското првенство, денеска ја совладавме Турција со 6-3.
Македонија одлично го почна мечот, Исмаили уште во втората минута даде гол за водство од 1-0, а седум минути подоцна Киревски погоди за 2-0.
Во 12. минута нашата репрезентација поведе и со 3-0, Угурлу си постигна автогол. Шест минути подоцна Турција го даде својот прв гол преку Агир и намали на 1-3.
Пред крајот на првиот дел Благојевски зголеми на 4-1, со тој резултат се отиде на одморот.
Турција набрзина реализираше два гола преку Угурлу и намали на 3-4, комплетно се врати во игра, но нашите футсалци не дозволија пресврт.
Во 33. минута Рамадан зголеми на 5-3, а Киревски во 39. минута ги постави конечните 6-3.
Македонија е прва на табелата со шест бода од првите два меча, па дуелот во недела против домаќинот Литванија нема да влијае на целта. Нашата репрезентација ќе го освои едно од првите две места, а тоа значи пласман во втората фаза од квалификациите за Светското првенство.