На денешен ден пред седум години неколку навивачи на Манчестер јунајтед од Македонија го основаат македонскиот фан клуб на англискиот гигант.
„Славиме седум години од официјалното постоење не само на здружението, туку и на друштвото и дружењето. Здружението за победи, радости и славење. Кога ќе помислам на викенд, помислувам на Манчестер Јунајтед, помислувам на дружење и споделување на сите возбуди, радости, победи, голови, а понекогаш и некој пораз. Седум години Здружението МУСЦ-Македонија е најдоброто друштво во сите тие моменти“ – велат од македонскиот фан клуб на Манчестер јунајтед.
Манчестер Jунајтед во Скопје за 7-от роденден на МУСЦ
„Понекогаш и најлудите желби можат да се остварат, ако доволно силно ги посакувате и уште поважно, ако верувате. Токму тоа е и слоганот на нашиот клуб и нашите фанови: It’s all about BELIEVE!“
„Во текот на овие 7 години, колку што постои Официјалното здружение на Манчестер јунајтед фанови од Македонија, без разлика на сите победи, порази и промени ние верувавме во нашиот клуб, верувавме дека сме најдобри, верувавме дека може да освоиме рекордни 20 титули во Премиер лигата, верувавме дека и покрај пензионирањето на најважниот човек за историјата на овој клуб, Сер Алекс Фергусон, можеме да продолжиме по патот кој тој ни го покажа, со вербата, желбата и љубовта на која тој нè научи. Верувавме и кога сите други се откажуваа. Кога испаднавме од Лигата на шампиони, знаевме дека е време да се освои единствената титула што ја немавме, пехарот од Лигата на Европа. И да, не ја освоивме во првата, ни во втората година, туку токму во оваа година кога победникот од Лигата на шампиони (Реал Мадрид) и победникот од Лигата на Европа (Манчестер јунајтед) го играат Суперкупот токму во нашиот град, Скопје“.
„Покрај тоа, се враќаме повторно на шампионските патеки, со некои испратени легенди на кои сме им благодарни, но и со нови ликови, нови „црвени ѓаволи“ кои ќе ги бранат нашите бои, ќе го оставаат срцето на терен и ќе играат за најдобриот клуб во светот! Затоа што тоа не е само можност, туку е гордост, чест и една поинаква љубов која носи до ѕвездите“.
„И за седмиот роденден сѐ уште ни останува истата желба, да успееме да оствариме поголемо членство и официјално да бидеме признати од Манчестер. Да успееме да оствариме групни посети на натпреварите на Олд Трафорд. Искрено, се надеваме и посакуваме, сите вистински навивачи кои ја имаат истата желба да придонесат со своето членство во Здружението МУСЦ и во официјалниот клуб, за што поскоро да си ја оствариме најголемата желба, да имаме уште поголеми дружења и незаборавни моменти“.
„До тогаш, нека ни е среќен седмиот роденден и да не заборавиме да бидеме благодарни за Здружението кое сите нѐ поврзува и ни овозможува заедно да делиме уште многу победи и среќни моменти, да броиме голови и титули. Да не престанеме да веруваме.
IT’S ALL ABOUT BEL21EVE!“