Младиот македонски фудбалски талент Александар Грашески направи важен чекор во својата кариера, откако го потпиша првиот професионален договор со Динамо Загреб. Станува збор за стипендиски договор кој претставува награда за неговите добри настапи и напредок во младинските категории на хрватскиот шампион.
Седумнаесетгодишниот офанзивец од летото е дел од екипата на Динамо Загреб У19, каде што брзо успеа да се наметне и да го привлече вниманието на стручниот штаб. Со посветената работа и континуираните настапи, Грашески ја исполни целта и заслужено доби договор со еден од најголемите клубови во регионот.
Грашески е младински репрезентативец на Македонија и зад себе има настапи за сите национални селекции, а во моментов е дел од У18 репрезентацијата.
Неговата фудбалска приказна започна во школата на Вардар, по што преку Њу Старс направи трансфер во Хрватска. Во февруари 2025 година се приклучи на академијата на Максимир, а неколку месеци подоцна следуваше и официјалниот повик од Динамо, кој сега е крунисан со потпис на првиот договор.