Македонската репрезентација до 21 година ја продолжи црната серија во квалификациите за Европското првенство и вечерва во Битола доживеа тежок пораз од Шведска со 1-4.
Составот на Горан Станиќ започна одлично на стадионот „Петар Милошевски“ и уште во воведните минути поведе преку Елези, кој ја заврши одличната акција што ја започна Хамза. Но радоста траеше кратко, бидејќи Швеѓаните за само две минути направија целосен пресврт. Ричи Оморово погоди во 32. и 33. минута и ја замолкна домашната публика, па на полувреме гостите заминаа со предност од 1-2.
Во второто полувреме младите Македонци се обидоа да притиснат и да се вратат во игра, но наместо израмнување, примија уште еден гол. Во 60. минута Момоду Сонко го искористи пропустот во нашата одбрана и ја зголеми предноста на 1-3, со што ги урна сите надежи за позитивен резултат. До крајот натпреварот Македонија се обидуваше да создаде шанси и да внесе свежина со замени, но Шведска беше подобар противник и целосно ја контролираше играта. Крајниот удар го зададе Амин Будри, кој во 79. минута ги постави конечните 1-4.
Младата репрезентација на Македонија по четири кола има само три бода и се наоѓа на претпоследното место во групата Е. Во следното коло ја очекува уште потежок предизвик, дуел со првопласираната Полска.