Македонија тргна со победа над Ерменија во новата сезона од Лигата на нации (ВИДЕО)

by
2 минути читање

Македонската репрезентација почна со победа, фудбалерите на Игор Ангеловски без да се потрошат многу дојдоа до очекуваните три бода против Ерменија.

Не создадовме многу шанси за гол, двата погодоци ги постигнавме од пенал, поради негативата Ерменија беше позаинтересирана за офанзивна игра, но нивните напади најчесто беа јалови, без вистински закани кон голот на Шишковски, успеаа да постигнат почесен гол во судиското продолжение, исто така со удар од белата точка.

Ангеловски натпреварот реши да го почне без капитенот Пандев кој во игра влезе во текот на второто полувреме.

Македонија поведе уште во втората минута кога при едно нафрлување Елмас беше фаулиран во шеснаесетникот на Ерменија, судијата покажа пенал за нашата репрезентација. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Алиоски за водство од 1-0.

Во 15. минута од мечот Бобан Николов се обиде со силен удар од далечина, топката заврши за малку над голот.

Во 35. минута Алиоски од позиција на скратен корнер се обиде да го изненади голманот Јурченко, упати силен удар, но чуварот на мрежата на Ерменија беше внимателен и одбрани.

Само минута подоцна нов пенал за Македонија, поранешниот Вардарец Хамбарџумјан го фаулираше Елмас. Овој пат Несторовски погоди за водство на нашата репрезентација од 2-0.

Ерменија првата поголема шанса ја имаше пред крајот на првото полувреме, напаѓачот Карапетјан се најде во убава позиција но шутираше над голот на дебитантот Шишковски.

По четири минути игра во вториот дел Ристовски влезе во шеснаесетникот и со силен удар од страна се обиде да постигне гол, но беше непрецизен.

Во 51. минута Шишковски ја имаше првата интервенција. Барсегјан биеше од слободен удар, нашиот голман одбрани. Две минути ја имаше и втората одбрана кога Бабајан шутираше од косо.

Во продолжението од мечот Ерменците напаѓаа, ние се обидувавме да создадеме шанси од контри. Во финишот имаа две големи шанси но и во двата наврати нивните удари од 4-5 завршија крај голот.

Течеше судиското продолжение кога судијата покажа пенал и за Ерменија, поранешниот играч на Вардар, Барсегјан погоди од белата точка и ги постави конечните 2-1.

Веднаш по голот судијата свирна крај, Македонија ги впиша трите планирани бодови.

Следниот натпревар на нашата репрезентација е во вторник кога гостуваме кај селекцијата на Грузија од 18 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×