Фудбалската репрезентација на Македонија со убедливи 3-0 го совлада Лихтенштајн во Вадуц и со триумф ги почна квалификациите за Светското првенство кое ќе се одржи во 2026 година.
Македонските фудбалери беа голем фаворит на овој меч, а тој така и се одвиваше. Избраниците на Боби Милевски имаа апсолутна доминација во текот на сите 90 минути, дадоа три гола и си ја завршија работата.
Македонија поведе во седмата минута кога Миовски по левата страна го мина домашниот голман и упати центаршут, а Трајковски погоди со глава во небранетата мрежа за водство од 1-0.
На три минути пред крајот на првиот дел Муслиу најдобро се снајде во шеснаесетникот на Лихтенштајн и погоди за предност од 2-0.
Во 59. минута македонските навивачи кои беа на трибините во Вадуц, станаа од своите столчиња и со скандирање „Кочани, Кочани…“ оддадоа почит за жртвите во големата трагедија која ја снајде Македонија.
Конечните 3-0 за Македонија беа поставени во 84. минута, тогаш Илиевски прекрасно асистираше до Миовски кој со чувство на голем голгетер реализираше и ја запечати победата.
Следниот предизвик за Македонија е веќе во вторник кога ја пречекуваме селекцијата на Велс.