Фудбалската репрезентација на Македонија доби сериозен удар пред дуелот со Велс во вторник вечер во Кардиф.
Висар Муслиу не се најде во составот што отпатува и дефинитивно ќе го пропушти клучниот квалификациски натпревар за СП 2026. Стоперот подолг период имаше проблем со повреда, медицинскиот тим направи сѐ за да го подготви, но проценката беше дека ризикот е преголем и дека не треба да се влошува неговата состојба.
Македонската експедиција денеска пристигна во Кардиф без еден од најискусните играчи во одбраната. Дополнителна грижа за селекторот Благоја Милевски е ситуацијата со Јани Атанасов. Фудбалерот за врска почувствува болка на почетокот од подготовките за овој меч, па иако е со репрезентацијата ќе мора да мине нови прегледи. Одлуката за негов настап ќе биде донесена утре.
Македонија и Велс се израмнети на втората позиција на табелата. Нашиот национален тим има јасна математика и бод во Кардиф е доволен за да се задржи втората позиција и преку квалификациите да стигне до баражот. Местото во баражот е веќе обезбедено и преку Лигата на нации.