Поради мерките на Владата за справување со коронавирусот натпреварот меѓу Македонија и Косово ќе се игра без публика, но поголем удар за нашата репрезентација е една друга мерка. Македонската влада донесе одлука за задолжителна самоизолација на граѓаните кои пристигнуваат во нашата земја од високо ризичните подрачја.
Доколку доследно се почитуваат одлуките на Владата, тоа значи дека Пандев, Елмас и Несторовски кога ќе пристигнат во Македонија треба прво да поминат 14 дена во карантин пред да можат нормално да функционираат.
Пандев, Елмас и Несторовски се клучни играчи за Македонија и незамисливо е тие да не настапат на мечот против Косово.
Портпаролот Златко Андоновски најави дека ќе побараат одложување на мечот доколку македонските играчи од Италија не можат да настапат на натпреварот.
„Од УЕФА ќе побараме одложување на мечот со Косово, поради забраните на Владата ќе имаме проблеми со Пандев, Елмас и Несторовски. Но и со Стефан Спировски од Израел“, вели портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.