Македонија Ѓорче Петров ја тресе голема криза. Опстанокот на клубот е доведен под знак прашалник – фудбалерите веќе три дена не тренираат, а никој не знае како ќе се развива ситуацијата понатаму.
Сопственикот со кој „лавовите“ се вратија во Првата лига и ја започнаа новата сезона си замина, оставајќи зад себе долгови. Неисплатените фудбалери започнаа штрајк и одбија да тренираат, но сепак се собраа и го одиграа мечот против Струга.
Во меѓувреме, во Ѓорче Петров се појавил нов газда кој, наместо да ја стабилизира состојбата, наводно им се заканувал на играчите со бркање од клубот. Фудбалерите останале цврсти во своите барања – прво исплата, па дури потоа продолжување со тренинзи.
Пари сè уште нема. Играчите во последните три дена не тренирале, а денеска одржале само краток тренинг од половина час – повеќе како обид за одржување на формата, отколку вистинска подготовка за натпревар.
Новите луѓе кои треба да го преземат водењето на клубот се во блиска врска со поранешниот сопственик, но засега одбиваат да ги преземат и долговите што тој ги оставил.
Следниот меч на Македонија ЃП е во понеделник против Шкендија. Ако проблемите не се решат до тогаш, постои реална можност „ѓорчепетровци“ да излезат на терен со фудбалери од младинскиот погон.