Прилепска Победа продолжува да се соочува со сериозни проблеми, иако во последно време ситуацијата малку се стабилизирала.
Пред почетокот на вториот дел од сезоната, дури се доведуваше во прашање опстанокот на клубот. Сепак, на крајот тимот успеа да собере доволно финансии за да продолжи да се натпреварува во Втората лига, каде што моментално е во долниот дел од табелата.
Проблемите на Победа ги илустрира и искуството на Гоце Павлески, Македонец кој живее во Австралија и се одлучил да помогне. Тој донирал спортска опрема за тренинзи, која веќе четири месеци стои на царина затоа што никој не ја зел.
„Собрав мали количини и подготвив спортска опрема за првата екипа – зимски јакни, дресови, шорцеви, по два пара за дома и за гости, тренерки… Сè испративме, а веќе четврти месец стои на царина. Нема слух од никој, ниту од општината, ниту од клубот. Сè што можевме направивме ние, останатото е на градот и на клубот. Не обвинувам никого, но ако некој може да ги подигне, тие се за клубот“, изјави Павелски за прилепскиот портал „Шампион.мк“.