Фудбалерите на Баер Леверкузен се пласираа во финалето на Лигата на Европа, откако го добија двомечот против Рома во полуфиналето со вкупни 4-2. На гостувањето во Рим германскиот првак славеше со 0-2, па дома во Леверкузен го потврди пласманот во мечот за трофејот со реми.
Како и многу пати оваа сезона, продолжи митот за непобедливоста на Баер Леверкузен. Со голот на Станишиќ во седмата дополнителна минута тимот кој доби прекар „Неверлузен“ дојде до израмнување и си го чекира билетот за финале. Ова не беше ништо ново кога станува збор за Баер Леверкузен. Дури 17. пат сезонава четата на Чаби Алонсо даде гол во 90 или судиското продолжение. Голем дел од овие погодоци беа за враќање од негатива и израмнување, а дел се и победоносни.
Едно е сигурно, сезонава Баер на Чаби покажа дека против него нема опуштање до последниот судиски свиреж… Сега „фармацевтите“ се на четири меча до цела сезона без пораз, два во Бундеслигата, како и финалињата на Лигата на Европа и ДФБ Купот.