Ливерпул се
пишмани. Клубот од Енфилд планираше околу 200 вработени од администрацијата да
ги испрати на принуден одмор и да ја користи мерката на британската влада со
која државата ќе исплаќа 80% од платата (до 2.500 фунти) на луѓето чија работа
е афектирана од коронавирусот.
Фановите веднаш
се побунија, многу јавни личности испратија критики, а силно удрија и легенди
на клубот како Џејми Карагер и Дитмар Хаман. Проблем е тоа што „црвените“ во
последниот финансиски извештај се пофалија со рекордни приходи од 533 милиони
фунти, и над 40 милиони фунти добивка.
По бурните
реакции, Ливерпул вечерва соопшти дека ја повлекува одлуката и им се извини на
фановите. Актуелниот шампион на Европа најави дека ќе побара алтернативни
начини за сите вработени да си ја добијат платата.
Голем број на
клубови ширум Европа постигнаа договор со своите фудбалери да се откажат од дел
од своите милионски примања за останатите вработени да можат редовно да примаат
плата, но клубовите од Англија се уште не повлекуваат ваков чекор, бидејќи се
плашат да не ги налутат своите ѕвезди.