Душан Влаховиќ од 1 јануари и официјално ќе влезе во последните шест месеци од договорот со Јувентус, што значи дека ќе може слободно да преговара со заинтересираните клубови за трансфер без обештетување. Сепак, торинскиот гигант сè уште има шанса да заработи од продажбата на српскиот напаѓач доколку реши да го продаде уште во текот на зимскиот преоден рок.
Италијанските медиуми откриваат дека Ливерпул сериозно ја разгледува можноста за ангажман на Влаховиќ, особено по повредата на Александер Исак. Напаѓачот на англискиот клуб сè уште се опоравува и се очекува да се врати на терен дури во март, што го натерало раководството на Ливерпул да побара алтернатива во нападот.
Покрај Ливерпул, одамна е познато дека и Милан го следи Влаховиќ. „Росонерите“ внимателно ја следат ситуацијата со неговиот договор и планираат да ја искористат можноста што тој сè уште нема постигнато договор за продолжување со Јувентус. Планот на миланскиот клуб е да се обиде да го доведе српскиот репрезентативец во летниот преоден рок без обештетување, што би претставувало голем трансфер бум во Серија А.