Ливерпул се обидуваше, но на крајот не успеа да го доведе Антоан Семењо кој заврши во Манчестер сити, меѓутоа на „Енфилд“ веќе имаат нова мета.
Според повеќе извори од Англија, Ливерпул сериозно и континуирано го следи младиот фудбалер на Лајпциг, Јан Диоманде, кој оваа сезона се наметна како еден од најперспективните офанзивци во Бундеслигата.
Англискиот гигант го гледа 19-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска како опција за нападот за наредната деценија. Диоманде го следат речиси сите европски гиганти, а веќе се пишуваше за интересот на Пари Сен Жермен и Манчестер јунајтед. Сепак, Ливерпул се смета за најсериозен во оваа трка и е подготвен за него да издвои дури 100 милиони евра.
Диоманде оваа сезона постигна седум гола и забележа три асистенции на 18 натпревари во Бундеслигата и германскиот куп.