25 годишниот репрезентативец на Домениканска Република до крајот на преодниот рок треба да се врати на Сантијаго Бернабеу. Севиља на почетокот од оваа недела го договори напаѓачот, но Реал Мадрид реши да ја искористи опцијата да ја изедначи понудата во рок од 48 часа и да го „украде“ играчот.
Претседателот на Лион, Жан Мишел Ола сега открива детали од зделката и вели дека е прилично изненаден од начинот на кој се одвивале работите бидејќи Флорентино Перез пред само три недели му соопштил дека „Кралевите“ не се заинтересирани за Маријано Диаз.
„Работите не се одиваа како што замислував. Пред три недели, Маријано ни објасни дека сака да замине по секоја цена и не извести дека бил во преговори со Реал. Па му се јавив на Флорентино Перез кој ми кажа дека не се заинтересирани за играчот. Ми објасни дека не се обидуваат да го купат Маријано“ – вели првиот човек на Лион.
„Маријано продолжи да инсистира на заминување, па продолживаме да бараме нов клуб за играчот. Да задржите играч спротивно на неговата желба и волја е лошо за хармонијата во составот и подготовките за новата сезона па кога пристигна понудата од Севиља за кратко време постигнавме согласност“.
„Обврзани сме да го известиме Реал кога ќе прифатиме понуда, бидејќи тие имаат опција да ја изедначат понудата. Не очекував дека ќе го сторат тоа, но ни кажаа дека се заинтересирани за играчот откако се договоривме со Севиља. Во моментов сме во преговори со Реал, работите се малку комплицирани“.
Лион прифатил понуда од Севиља вредна 30 милиони евра плус 3 додатни милиони евра во бонуси во случај на пласман во Европа. Па оваа сума сега треба да ја искешира и Реал Мадрид. Со оглед на тоа дека „Кралевите“ имаат и клаузула која им гарантира 35% од трансферот на Маријано, тие во пракса ќе треба да одвојат помеѓу 19,5 и 21,4 милиони евра за играчот кој пред само 12 месеци на Лион му го продадоа за 8 милиони евра.