Заврши сезоната
за Езгјан Алиоски, повредата која синоќа ја заработи против Брентфорд е
сериозна. Лидс попладнево соопшти
дека популарниот Џани го оштетил менискусот на коленото и мора да оди под нож.
„Репрезентативецот
на Македонија денеска ќе биде опериран и се очекува да биде надвор од стројот
помеѓу шест и осум недели“ – се вели во известувањето.
Па „белите“ ќе
треба да бркаат промоција во елитата без помошта на Езгјан Алиоски, кој до сега има 90 настапи за Лидс, постигна 14 погодоци и забележа 11 асистенции.
„Разочарани сме
од информациите дека Џани нема да игра повеќе оваа сезона. Цела година
покажуваше со каков квалитет располага, играјќи на различни позиции. Тој е
популарен лик во клубот, секогаш ги става соиграчите на прво место и дава
пример за младите играчи“ – рече директорот Виктор Орта.
Вестите не се
лоши само за Лидс туку и за репрезентацијата на Македонија. Селекторот Игор
Ангеловски нема да може да смета на Езгјан Алиоски за дуелите со Полска и Австрија во јуни во рамките на квалификациите за Европското првенство.