Лидерот на домашниот шампионат, тимот на Вардар денеска во рамките од 24. коло на стадионот во Гостивар, од 14:30 часот ќе се соочи со домашната екипа на Арсими. Меч во кој Вардар е апсолутен фаворит, но тоа во пракса особено сезонава не треба да значи ништо. Арсими на пример во ноември и одржа лекција на Шкендија во победата од 3-0, токму на овој терен па нормално дека претпазливоста треба да е на највисоко можно ниво.
По оној шокантен период во кој испадна во Купот на Македонија од Охрид, па одигра нерешено со Струга ТЛ и финишираше со домашен пораз од Шкендија, Вардар потоа нанижа две победи по ред. Против Силекс на гости и против тимот на Брера на Арената „Тодор Проески“ во Скопје. Двата дуели се добиени со минимални 0-1, односно 1-0.
Вардар денеска нема да настапи комплетен, има неколку од стандардните играчи кои што нема да настапат, но од „црвено – црниот“ табор се водат со тезата дека тоа не смее да биде алиби за евентуален слаб резултат. Напротив, Вардар во моментов има доволно квалитетен играчки ростер за да може да се потпре и на оние кои стрпливо чекаат шанса на клупата за резервни играчи.
Од таборот на Арсими на мечот против лидерот гледаат оптимистично и Башким Велија најави борба.
„И покрај поразот, формата оди во нагорна линија и против Вардар одиме да постигнеме позитивен резултат. И покрај минималниот пораз од Шкендија, сметам дека покажавме многу подобра игра во споредба со претходните натпревари. Полека излегуваме од кризата. Можеби резултатите сè уште не се како што посакуваме, но играта ни е подобра и тоа е многу позитивен знак. Убеден сум дека многу скоро ќе почнеме да бележиме позитивни резултати и да се вратиме таму каде што мислиме дека ни е местото. Против Вардар ќе влеземе максимално мотивирани. Не очекува исклучително важен натпревар и ќе дадеме се од себе за добар резултат. Целите за сезоната остануваат исти и решени сме да ги постигнеме“, изјави Велија.
Оваа сезона Вардар двапати убедливо победуваше против Арсими, дома со 5-1 и на гости со 1-4.