Привремениот селектор на Англија, Ли Карсли се отпиша со стил, вечерва „трите лава“ со 5-0 ја совлада Ирска за потврда на првото место во својата група и враќање во Лига А.
Ли Карсли на привремена основа го презеде кормилото на Англија по заминувањето на Герет Саутгејт и заврши солидна работа.
Вечерва тој се отпиша со стил, „трите лава“ ја совлада Ирска со 5-0 за потврда на првото место во својата група и враќање во најсилната Лига А.
Победникот практично беше решен во период од седум минути на стартот од вториот дел, кога Скејлс направи пенал и заработи втор жолт картон. Кејн ја реализираше најстрогата казна за 1-0, а потоа набрзина паднаа уште два гола, Гордон и Галагер се запишаа во листата на стрелци.
До крајот на натпреварот, Боувен зголеми на 4-0, а конечните 5-0 ги постави Харвуд Белис.
Интересно, за Гордон, Галагер, Боувен и Харвуд Белис ова беа први погодоци во дресот на Англија, и за прв пат во последните 94 години се случува на еден ист натпревар дури четворица играчи да стигнат до дебитантски голови.
На вториот натпревар од групата, Грција со 0-2 славеше на гостувањето кај Финска, и преку бараж ќе брка пласман во Лига А.