Легендата воодушевена: Баерн никогаш не изгледал волку моќно, само една работа ме загрижува

by Стефан
1 минути читање

Баерн Минхен оваа сезона прикажува одлични настапи и сериозно се наметнува како кандидат за освојување на повеќе трофеи.

Тимот предводен од тренерот Винсент Компани има убедлива предност од 11 бодови пред Борусија Дортмунд во Бундеслига. Покрај тоа, баварците се пласираа и во полуфиналето на Куп на Германија, додека во првиот меч од осминафиналето во Лига на шампиони убедливо славеа на гостувањето кај Аталанта во Бергамо со 6-1.

Импресивната форма на Баерн ја прокоментира и поранешниот легендарен голман на клубот, Оливер Кан.

„Кај Баерн е јасно зошто тимот игра толку добро. Без разлика кој ќе влезе во игра, квалитетот на екипата речиси и не се менува. Тоа е секогаш знак дека ве очекува силна сезона. Ретко кога Баерн изгледал толку моќно како сега – не само во Бундеслигата, туку и во Европа. Тимот функционира како машина“, изјави Кан.

Сепак, поранешниот чувар на мрежата призна дека има и мала доза на претпазливост.

„Единственото нешто што ме загрижува е тоа што во моментов сè ни оди од рака, можеби и премногу добро. Нема да кажам дека лесно ќе ја освоиме Лигата на шампионите, но убеден сум дека Баерн во моментов ја има најдобрата екипа во Европа“, додаде 56-годишниот Кан.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×