Ветеранот од редовите на Атлетик Билбао, Оскар Де Маркос на крајот од сезоната ќе ја заврши кариерата, потврди клубот од Баскија.
Де Маркос одлуката денеска им ја соопштил на соиграчите, а како причина што ја соопштува во овој момент е неговата желба до крајот да се фокусира само на настапите на теренот.
Зад своето име Де Маркос има 540 натпревари во дресот на Атлетик Билбао и минатиот викенд се изедначи со Икер Мунаин на второто место по бројот на настапи за овој клуб. Рекордер на врвот е Хозе Анхел Ирибар со 614 натпревари во период од 1962 до 1980 година.
Првиот натпревар за Атлетик, Де Маркос го забележа во 2009 година и од тогаш со Билбао триумфираше во Суперкупот на Шпанија во 2015 и 2021 година, како и во Копа Дел Реј во 2024 година.
Во актуелната сезона Билбао е четврти во Ла Лига со само шест бода помалку од Барселона која е лидер.