Легендарниот уругвајски голгетер Едисон Кавани во последниот период се соочува со сериозни критики во Бока Јуниорс, клубот чиј дрес моментно го носи. Комбинацијата од повреди и неколку неуспешни настапи беше доволна дел од навивачите да го насочат незадоволството токму кон искусниот напаѓач.
Став по ова прашање даде и легендарниот аргентински дефанзивец Оскар Ругери, кој зад себе има 97 настапи за националниот тим и титула светски шампион од 1986 година. Според него, дојдено е време Кавани да размисли за повлекување од активното играње фудбал.
Минатата сабота, на натпреварот без голови меѓу Бока и Расинг Клуб, искусниот Уругваец беше испратен со свирежи при излегувањето од игра, што дополнително ја подгреа атмосферата околу неговиот статус во тимот.
„Грев е да се навредува таква ѕвезда, со оглед на неговата голема кариера. Треба да стави крај. Тешко е на 40 години да се игра во нашата лига. Сè уште не се повлекува затоа што сака да се обиде да ја сврти ситуацијата пред да замине“, изјави Ругери.
Кавани професионалниот пат го започна во Данубио, а европската афирмација ја доживеа во Палермо. Потоа следуваа ангажмани во Наполи, Пари Сен Жермен, Манчестер Јунајтед и Валенсија, каде остави силен печат и изгради кариера што го вбројува меѓу најдобрите напаѓачи на својата генерација.