Новинарот Ману Карењо жестоко го нападна Жоан Лапорта откако судот вчера пресуди во полза на Барселона и дозволи Дани Олмо и Пау Виктор да бидат регистрирани до крајот на сезоната.
Одлуката на судот да дозволи Дани Олмо и Пау Виктор да бидат регистрирани до крајот на сезоната е топ тема во фудбалска Шпанија.
„Каталонците“ издвојуваа важна победа надвор од терените, а на многумина им боде во очи начинот на кој Барселона го доби правниот спор со Ла Лига и Фудбалската федерација на Шпанија.
Клубот од Камп Ноу во ниту еден момент не се обиде да докаже дека обезбедил екстра приходи со кои ги исполнуваат правилата за Финансиски фер плеј, односно има доволно средства за регистрација на фудбалерите.
Наспротив, Барселона се насочи на тоа дека ќе им биде прекршено правото на работа на Дани Олмо и Пау Виктор доколку не им биде продолжена лиценцата, спореше дека правилото според кое еден фудбалер не може два пати да биде регистриран во еден ист клуб е одамна застарено и контекстот бил сосема различен кога ова правило било донесено, како и тоа дали комисијата која ја одземала лиценцата на фудбалерите имала авторитет да го направи тоа.
Па новинарот Ману Карењо жестоко распали по претседателот Жоан Лапорта.
„Одлуката на судот го наградува најголемиот измамник во Ла Лига во моментов, а тоа е Жоан Лапорта. Поради „техничка грешка“, Барселона сега може да смета на Дани Олмо и покрај тоа што не ги исполнува стандардите и критериумите за регистрација на играчот“ – вели новинарот.