Шефот на
стручниот штаб на Челси, Френк Лампард појасни зошто големото засилување за
Премиерлигашот изминатото лето, Кристијан Пулишиќ не игра во изминатиов период,
откако Американецот три меча во низа е изоставен.
Пулишиќ и вчера
во текот на дерби пресметката со Ливерпул на домашен терен, која Челси ја
загуби со 1-2, беше на клупата за резервни фудбалери, а од таму го проследи
целиот меч, веројатно е дека тој не е подготвен да биде стандарден во
Премиерлигата.
Запрашан за
статусот на Американецот, односно дали тој бил жртва на повредите кои Челси ги
доби на дербито, откако уште во раната фаза без повлечени од игра Емерсон и
Кристенсен, Лампард негираше такво нешто.
„Пулишиќ не беше
жртва на повредите кои се случија, имам тим и од него селектирам, претходно тој
играше неколку натпревари“ рече Лампард.
„Вилијан се врати
и изгледа одлично на теренот, одлучив да играм со Маунт, најмногу поради тоа
што ни требаше да останеме силни во средниот ред, па така игравме со Маунт
високо во средниот ред, тоа беше моја одлук, Пулишиќ ќе добие шанса, тој е млад
фудбалер, исто како што и многумина зборуваат за Маунт и Абрахам, како и
Фикајо, неговите прилики ќе дојдат за брзо време“ додаде Лампард.
Постоеа некои
шпекулации низ британските медиуми минатата седмица кои се подзанимаваа дури и
со карактерот на Пулишиќ, наведувајќи дека Американецот бил срамежлив и не
успеал физички да се подготви за големиот предизвик во Премиерлигата, по
неговиот трансфер од Борусија Дортмунд.
Запрашан за тоа
дали Пулишиќ има потешкотии да се навикне на животот во Лондон, Лампард
негираше такво нешто, додавајќи дека освен Американецот, повеќе минутажа на
теренот заслужуваат и други фудбалери на Челси.
„Не, не можам да
зборувам само за него, но, како и да е, тоа не е точно, јас едноставно морам да
носам одлуки кои би донеле бенефит за тимот, не е само тој, на клупата беа уште
и Педро, Баркли, Батшуаи, кој сигурно заслужува повеќе минути со оглед на
начинот на кој тренира“ заклучи Лампард.
Во моментов,
секако дека Пулишиќ „настрада“ по враќањето на Вилијан кој повторно е
стандарден, дополнително отежнувачки податок за Американецот е промените кои ги
прави Лампард во формациската поставеност, а со враќањето на Хадсон-Одои,
Пулишиќ би станал дури петти избор кај Лампард во поглед на позицијата на
крило.