Френк Лампард ја доби битката со Микел Артета на двајца млади стратези. Шпанецот ќе почека на првиот триумф на кормилото на „топчиите“ и покрај тоа што неговиот тим попладнево долго време имаше водство.
Арсенал одлично го отвори натпреварот, домаќините дојдоа во водство веќе во 13. минута. По еден корнер, Чемберс ја префрли топката на подалечната статива а Обамејанг со глава ја затресе мрежата на Челси за 1-0.
„Топчиите“ доминираа на теренот, „сините“ се мачеа па Лампард реши по нешто повеќе од половина час игра да го повлече Емерсон, на негово место да го вметне Жоржињо и да ја промени формацијата од 3-4-2-1 во 4-3-3.
Потегот се покажа како исправен, Челси заигра подобро, особено во второто полувреме кога целосна го надигра противникот. Пресвртот се случи во завршницата, во луди четири минути.
Најпрво Лено погреши, излета во празно и му овозможи на Жоржињо рутински да реализира за 1-1 во 83. минута. Потоа следуваше нов шок на Емирати, Абрахам лесно го исфрли Мустафи и погоди за 1-2 и голема радост.