Барселона му гостува на Атлетико Мадрид во полуфиналето на Копа дел Реј на „Ванда Метрополитано“ во реванш дуелот откако првиот меч заврши со ефектни 4-4.
Пред натпреварот имаше увертира и размена на соопштенија од Ла Лига и Барселона. Челниците на лигата открија дека каталонскиот тим уште ги нема добиено најавените средства од продажбата на ВИП седиштата на „Камп Ноу“ за следните 20 години. Со тие 100 милиони Барса најави дека ќе ги израмни сметките, меѓутоа од Ла Лига велат дека тимот ниту сега нема доволно средства за спорните регистрации на Дани Олмо и Пау Виктор.
„Барселона немаше пари на 31 декември, ниту на 3 јануари, а нема ниту сега капацитет за финансискиот фер-плеј по регистрацијата на играчите Дани Олмо и Пау Виктор“, соопшти Ла Лига.
Од клубот реагираа дека ова соопштение е еден вид на обид за дестабилизација, бидејќи доаѓа непосредно пред реванш дуелот против Атлетико Мадрид во полуфиналето на Купот на кралот.
„Вечерва играме важен меч, а Ла Лига одлучи баш сега да се огласи со ова соопштение. Чудно. Не можат да нè победат на теренот, па се однесуваат вака“, се зборовите на каталонскиот гигант.