Во рамките на шеснаесетинафиналето од Купот на Македонија денеска се одиграа уште три средби, а пласман во следната рунда обезбедија Тиквеш, Шкендија и Шкупи.
Највпечатлива победа забележа тетовската Шкендија, која со убедливи 0-9 го совлада Јени Маале. Прашањето околу победникот беше решено уште во првото полувреме кога црвено-црните постигнаа пет гола, а блескаше новото засилување Адтхе Мазари со хет-трик во првите 45 минути.
Рамадани, Цаке, Љафити, Красниќи (два гола) и Адеми беа стрелци на преостанатите голови за тетовскиот клуб.
За издвојување од овој натпревар е и момент пред почетокот на средбата кога битолскиот состав подари букет цвеќе на Шкендија како гест со кој им посакаа успех во Конференциската лига.

Тиквеш со минимален триумф (0-1) против Скопје си го обезбеди местото во осминафиналето, додека Шкупи со 0-2 го совлада Кожуф.
Покрај нив, претходно пласман меѓу најдобрите 16 изборија: Башкими, Беласица, Пелистер, Работнички, Македонија ЃП, Силекс, Новаци, Охрид, Детонит, Брегалница и Шкендија Арачиново.
Актуелните финалисти, Струга и Вардар, согласно правилата директно стартуваат од осминафиналната фаза.