Крвав инцидент го потресе Мексико, откако вооружени лица отворија оган на фудбалски терен во сојузната држава Гванахуато, при што загинаа најмалку 11 лица, а 12 се повредени.
Нападот се случил веднаш по завршувањето на локален фудбалски натпревар во градот Саламанка. Според градоначалникот Сесар Прието, напаѓачите пристигнале организирано и почнале неселективно да пукаат кон присутните. Десет лица починале на лице место, додека уште едно подоцна им подлегнало на повредите во болница. Меѓу повредените има и жена и малолетно лице.
Државното обвинителство соопшти дека е отворена истрага и дека се работи во координација со федералните служби за зголемување на безбедноста. Гванахуато важи за една од најнасилните држави во Мексико, а медиумите нападот го поврзуваат со конфликтите меѓу организирани криминални групи кои подолг период дејствуваат во регионот.