И покрај убедливата победа во Лигата на шампионите која донесе одредено смирување по тензиите од дуелот со Леванте, во Шпанија и понатаму е актуелна темата за свирежите од „Сантијаго Бернабеу“ насочени кон фудбалерите на Реал Мадрид.
На оваа тема се огласи и Тони Крос, еден од најискусните играчи во соблекувалната на „кралевите“, кој одлично знае што значи да се игра под постојан притисок во овој клуб.
„Фудбалер кој никогаш не бил исвиркан на Сантијаго Бернабеу не е голем играч. Може да се каже дека тоа е Реал Мадрид. Не е неговото најубаво лице, но многу добро опишува што значи да се игра во овој клуб. Секогаш навивачите избираат големи имиња, и за добро и за лошо. Ако ве пречекуваат свирежи пред натпреварот, тоа сигурно не го олеснува постигнувањето на она што клубот и сите го сакаат: да победуваат и да играат добро. Откако освоивме три титули во Лигата на шампионите по ред, сезоната 2018/19 требаше да биде фрлена во ѓубре. А потоа се вративме. Ова е втора сезона во која работите не изгледа дека одат како што треба и тоа создава проблеми. Ова не е клуб што прифаќа долги периоди без трофеј. Играчите знаат со што се соочуваат, но сигурен сум дека се доволно ментално силни за да продолжат и да ја свртат ситуацијата во своја корист. Нашата генерација исто така имаше лоши периоди“, изјави Крос.
Германецот со оваа порака јасно стави до знаење дека притисокот и критиките се составен дел од животот во Реал Мадрид, но и дека верува во менталната сила на актуелниот тим да излезе од кризата и повторно да се врати на победнички пат.