Медиумите од Шпанија потсетуваат на една изјава на Кристијано Роналдо за трансферот на Килијан Мбапе во Реал Мадрид, Португалецот пред неколку месеци навести дека нема да му биде лесно на напаѓачот во белиот дрес.
Флорентино Перез со години се обидуваше да го донесе Килијан Мбапе во Реал Мадрид и изминатово лето конечно успеа во својата намера, Французинот пристигна на „Бернабеу“ и тоа беспари.
Но напаѓачот не ги оправдува очекувањата на почетокот од својата авантура во белиот дрес и често добива критики.
Тој вчера одново се најде на удар на јавноста откако промаши пенал против Атлетик Билбао, втор во само една недела, претходно промаши од белата точка и против Ливерпул.
И кога целиот фокус е врз слабите перформанси на Килијан Мбапе и зошто тој се мачи, медиумите потсетуваат на една изјава на Кристијано Роналдо, кој како гостин во емисијата на Рио Фердинанд даде свое видување за трансферот.
„Ајде да почекаме и да видиме дали тој ќе може да се справи со притисокот и како ќе се справи бидејќи Реал Мадрид не е ПСЖ, тоа можам да ви го кажам со сигурност“ – рече Кристијано Роналдо.
„Не знам дали Реал Мадрид ќе биде подобар по трансферот на Мбапе… ајде да почекаме и да видиме“.
„Реал Мадрид ќе продолжи да биде силен, но не знам дали ќе биде подобар од минатата сезона… само Бог знае. Но во секој случај имаат фантастични играчи и фантастичен тим“.