Коринтијанс жали за договорот: Еве ја листата на бенефиции кои ги ужива Мемфис Депај

by 24 фудбал
1 минути читање

Холандскиот напаѓач Мемфис Депај повторно е во центарот на вниманието во Бразил, откако медиумите открија дека има голем конфликт со раководството на Коринтијанс околу условите во договорот. Клубот наводно сака да направи промени во некои детали, но Депај не сака ни да чуе особено не за идејата да се исели од скапиот претседателски апартман во кој моментално живее.

Коринтијанс пред нешто повеќе од една година со големи очекувања го доведе поранешниот играч на Барселона и Манчестер Јунајтед, но резултатите не го оправдаа вложеното. Депај има само 16 голови и 14 асистенции на 58 настапи, а оваа сезона постигна само пет гола, што е премалку за фудбалер кој заработува околу 100.000 евра неделно.

Покрај високата плата, Холанѓанинот ужива и бројни привилегии : личен готвач и батлер, обезбедување, луксузен автомобил со возач, ВИП ложа на стадионот и дури 24 авиобилети во бизнис класа за патувања меѓу Бразил и Европа. Најголем проблем, сепак, претставува сместувањето во хотелскиот претседателски апартман, кој клубот го плаќа повеќе од 40.000 евра месечно.

Бразилските медиуми тврдат дека Коринтијанс веќе побарал од Депај да се пресели во поевтин објект, но играчот одбил такво нешто. Од клубот се надеваат дека ситуацијата ќе се реши мирно, но луѓето блиски до фудбалерот тврдат дека тој нема намера да се откаже од луксузот.

Депај има еднострана излезна клаузула и може да го раскине договорот што трае уште речиси една година, доколку сам плати околу пет милиони евра.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×