Арсенал направи нов кикс во трката за титулата во Премиерлигата, попладнево „топчиите“ одиграа само 1-1 на гостувањето кај Евертон.
На седум кола до крајот, Арсенал има -11 во однос на Ливерпул, со можност „црвените“ да се одлепат на -14 веќе утре, па се појасно е дека „топчиите“ и оваа сезона нема што да бараат кога е во прашање трката за титулата.
Попладнево, избраниците на Артета кикснаа против Евертон, или подобро кажано, контроверзен пенал им „скина“ два бода.
Тросар го донесе Арсенал во предност во 34. минута, Рајс украде топка на средината а Стерлинг асистираше за водство од 0-1.
Сепак, Евертон стигна до 1-1 на стартот од второто полувреме кога беше покажано на белата точка по еден дуел на Харисон со Луис Скели, кој почна надвор од шеснаесетникот со обострано влечење.
Многумина ќе кажат дека немаше најстрога казна, но судиите и ВАР не мислеа така, па Ндиаје од пенал изедначи во 49. минута.
Арсенал потоа нападна со сите сили во потрага на ново водство, но Пикфорд се истакна со две обрани за реми на „Гудисон“.