Интер конечно доби едно дерби оваа сезона, избраниците на Киву вечерва со гол во 90. минута го совладаа лутиот ривал Јувентус со 3-2.
„Дербито на Италија“ донесе возбудлива пресметка со пет гола и драма до самиот финиш, на крајот трите бода останаа во Милано.
Камбијасо стана првиот играч кој постигнал автогол и гол на пресметките помеѓу Интер и Јувентус, офанзивниот бек прво си ја затресе сопствената мрежа во 17. минута за потоа да изедначи на 1-1 во 26. минута.
Пред крајот на првиот дел се случи контроверзен момент кој влијаеше врз текот на натпреварот, Калулу престрого заработи втор жолт картон и беше исклучен. Дефанзивецот очајно сигнализираше за ВАР проверка, но видео технологијата не можеше да реагира бидејќи не се работеше за директен црвен картон.
Интер ја искористи бројчаната предност во 76. минута, Еспозито скокна високо по центаршутот на Димарко и донесе 2-1.
Но „старата дама“ не се предаде, Локатели со одмерен удар донесе 2-2 во 83. минута од мечот.
Сепак, домаќините го имаа последниот збор, Зелински прецизно биеше по земја од врвот на шеснаесетникот за 3-2 и конечно победа на Интер на едно дерби ова сезона.