Антонио Конте одговори на нападите од Диего Коста, поранешниот фудбалер неодамна порача дека тренерот е „многу огорчен човек“ кој „нема секс дома“.
Диего Коста и Антонио Конте соработуваа една сезона во Челси, а Бразилецот во гостувањето на поткасот на Џон Оби Микел, се пожали од тоа каков човек е италијанскиот стратег.
„Да, Конте е одличен како професионален тренер. Но како личност, тој е најлошото нешто што можете да го имате на дневна основа. Многу е лош. Тој е човек кој не им верува на другите, мисли дека знае се. Не уживате во тренинзите со него. Секогаш е лут, секогаш со намуртено лице. Веројатно дома нема секс, бидејќи е многу огорчен тип“ – изјави поранешниот напаѓач.
Антонио Конте не сакаше да премолчи, па попладнево испрати брутален одговор.
„Не сум човек кој губи време на тоа што другите зборуваат. Знам дека во фудбалот има интелигентни и глупави луѓе, а јас не сакам да си го трошам времето на глупави луѓе“ – вели тренерот на Наполи.
„Со Коста соработував една сезона. Можам да зборувам за фудбалот, ја освоивме Премиерлигата, а тој трипати таа сезона бараше да замине. Не знам што се случи со него потоа“.