Црвена Звезда тргна со реми во групата „Х“ од Лига
Европа, а во второто коло приреди изненадување на гостувањето кај германскиот
бундеслигаш Келн совладувајќи го со минимални 0-1.
Стрелецот на победничкиот гол за белградскиот тим беше
Ганецот Ричмонд Боаки, а токму тој веднаш се најде на листата на желби на
повеќе гиганти од Европа, меѓу кои и англискиот првак Челси.
Според информациите кои пристигнуваат, се вели дека
италијанскиот фудбалски стратег Антонио Конте дал инструкции за скаути на Челси
да го следат неговиот настап против Арсенал во третото коло од Лига Европа кој
се игра на арената „Рајко Митиќ“ во Белград, идниот четврток.
24 годишниот напаѓач постигна 14 погодоци во Суперлигата
на Србија во 13 настапи за Црвена Звезда каде пристигна во јануари како позајмен
фудбалер од италијанскиот тим Латина.
Белградскиот тим веднаш го препозна неговиот квалитет и
го ангажираше потпишувајќи договор со него на три години.
Нема сомневање во тоа дека Црвена Звезда направи одлична
зделка за него, а белградскиот тим сигурно ќе добие големо обештетување доколку
во јануари Челси испрати понуда за стандардниот репрезентативец на Гана.
Плановите на Конте за Боаки се тој да биде алтернативно
решение за Шпанецот Алваро Мората кој во моментов е повреден и е вон
комбинација за настап за сините од Лондон.