Баерн Минхен го доживеа првиот пораз во актуелната сезона во Бундеслигата, откако на домашен терен беше совладан од Аугсбург со 1-2. Непоразената серија на баварскиот гигант заврши на „Алијанц Арената“, а по натпреварот свој став изнесе тренерот Винсент Компани.
Белгискиот стратег потенцираше дека поразот е дел од фудбалот и уште една потврда за квалитетот на германското првенство, при што нагласи дека целта на Баерн останува освојувањето трофеи.
„Ова е прв пораз за нас по пауза од десет месеци, па секоја серија мора да заврши. Сакам да постигнеме работи заедно со Баерн, да освојуваме трофеи. Можам да го преболам поразот, ако на крајот бидеме успешни кога ќе се делат трофеите. Нема да ми пречи ако губиме натпревар на секои десет месеци, тоа е доказ колку добро играат момците. Загубивме од Аугсбург кој се покажа одлично. Некој после ќе каже дека Бундеслигата била слаба, ама факт е дека сите тимови се квалитети и даваат максимум за да изненадат“, изјави Компани.
И покрај овој неуспех, Баерн и натаму има комотна позиција на табелата, со предност од осум бода по 19 одиграни кола во однос на Борусија Дортмунд.