Утре Баерн Минхен го пречекува Челси во еден од дерби натпреварите во првото коло од Лигата на шампионите.
На денешната прес-конференција тренерот на Баерн, Компани кој долги години ги помина во Англија, доби интересно прашање.
„Ние имаме чувство дека германската лига не се сфаќа сериозно во Англија каде ја викаат „селска лига“. Ти ги познаваш двете лиги добро. Како го гледаш нивото на Бундеслигата?“, беше прашањето на новинарот.
Компани најголем дел од кариерата помина во Манчестер Сити, а потоа беше тренер на Барнли, па е компетентен да одговори на ова прашање.
„Но колку фудбалери тие купија од Бундеслигата? Колку пари потрошија на бундеслигашки фудбалери? Јас сум од Белгија, мала земја. Во Белгија луѓето со почит гледаат кон секоја лига. Во Германија луѓето големо внимание имаат кон Бундеслигата, во Англија големо внимание имаат кон Премиер лигата. Очигледна е финансиската разлика меѓу Премиер лигата и сите други лиги. Мислам дека тоа треба да го решиме еден ден. Бундеслигата има многу талент, англиските тимови купија многу играчи од тука. Но утрешниот меч не е Бундеслигата против Премиер лигата, туку Баерн против Челси“, рече Компани.
Ова лето во Премиер лигата рекорди се рушеа со играчи од Бундеслигата. Вирц, Екитике, Волтемаде, Фримпонг… се само дел од фудбалерите за кои англиските клубови дадоа многу пари за да ги купат од Бундеслигата.