Ајакс вчера
приреди нови чудо, победи во Торино со 1-2, и по Реал Мадрид, го елиминираше и
Јувентус од Лигата на шампионите.
Ова не беше само
голем удар на спортски план, туку влијаеше и врз вредноста на клубот. Утрово
акциите на „старата дама“ забележаа пад од 24%, па тргувањето за момент беше прекинато.
Откако беше тргната суспензијата, акциите почнаа да се опоравуваат,
но падот на вредноста остана на околу 15%.
Медиумите од „чизмата“
исто така направија и пресметки за тоа како ќе се одрази синоќешниот пораз од
Ајакс врз финансиите на Јувентус.
Шампионот на
Италија беше на добар пат да има приходи од преку 100 милиони евра од настапот
во Лигата на шампионите, но сега ќе останат на бројката од 94 милиони евра: 30
милиони за историски резултат, 26 милиони за учество и остварените резултати во
групната фаза, 20 милиони од осминафиналети и четвртфиналето и 18 милиони од
маркет пулот.
По елиминацијата
од Ајакс, Јувентус остана покус за 12 милиони евра кои следат за пласман во
полуфиналето како и 1 милион евра од маркетинг колачот. Клубот исто така остана
и без неколку десетици милиони евра во потенцијални приходи.
Уште еден
натпревар пред своите фанови во ЛШ сигурно ќе донесеше над 5 милиони евра во
клупската класа од продажба на билети. Исто така, евентуален успех во
полуфиналето носи дополнителни 15 милиони евра од УЕФА, а триумф на „Ванда
Метрополитано“ во финалето уште минимум 4 милиони евра. Секако додатните
натпревари ќе донесеа и неколку милион плус од маркет пулот.