„Газета дело Спорт“ пишува дека сопственикот на Рома, Џејмс Палота е многу разочаран од почетокот на сезоната, а со тоа му става дополнителен притисок на тренерот Ди Франческо.
Рома синоќа одигра само 2-2 со Киево иако имаше предност од 2-0. Имаат само една победа од четири меча во Серија А и со пет освоени бода се на деветата позиција на табелата.
Весникот пишува дека наредните четири меча можат да бидат клучни за тренерот на Рома, а тоа се дуелите против Реал Мадрид, Болоња, Фросиноне и Лацио. По овие четири дуели претседателот ќе одлучи дали има потреба да го менува тренерот.
Старт под очекувањата има и Милан. Росонерите синоќа не успеаа да го победат Каљари, имаат четири бода од три меча и во моментов се на 15. позиција. Многумина навивачи на Милан сметаат дека иако ја има пасијата кон работата, Гатузо го нема квалитетот кој е потребен за да се води клуб каков што се росонерите.
Доколку не влезе во победничка серија, ниту на Гатузо не му се пишува добро. Кандидати за негов наследник има.
Исто како и Милан, и Интер има освоено само четири бода. Но нивната ситуација е полоша бидејќи за разлика од градскиот ривал, тие имаат одиграно четири натпревари.
Во последното коло навивачите на Интер доживеаа големо разочарување откако нивниот тим на свој терен загуби од Парма со 1-0. Тоа беше првата победа на Парма оваа сезона.
Математиките на раководството на Интер не се исти со оние кои ги правеа пред сезоната, Лучијано Спалети иако има добар имиџ како тренер, нема долго да остане на Џузепе Меаца доколку резултатите не се променат во најбро време.
Под голем притисок е и Пипо Инзаги на столчето на Болоња. Неговиот тим има освоено само еден бод од четири меча, а нема постигнато нути еден гол. Клубот се наоѓа во опасната зона и доколку не излезе од таму на славниот напаѓач не му се пишува добро.
Неколку значајни тренерски имиња чекаат да се ослободи место, Антонио Конте, Зинедин Зидан и Чезаре Прандели се дел од тие. Тоа го зголемува притисокот кај стратезите кои не почнаа добро, а на газдите им дава опција за побрза тренерска смена со цел да се вратат екипите во вистински колосек.
Стартот на сезоната во Серија А создаде повеќе кандидати за бркање од работа, а кој тренер прв ќе „летне“, останува да видиме.